КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ КАКО БЕШЕ МИРНА НАШАТА ДОЛИНА - ПОРАНО... (КУМОВИ...) Рустикално-љубовна фарса со сериозен крај, работена според неколку дела на Руцанте, македонски приказни и легенди... ЛИЦА БОШКО, селанец на четириесетина години, пука од здравје и желба. ГОЛУБИНКА, жена на Бошко, и таа пука... СПАСЕ, млад селанец, некако не баш среќен во животот. ЦВЕТА, млада селанка, џиш, ама и таа некако не баш... ФИЛОМЕНА, мајка на Цвета, здрава, јака селанка, прошла кутрата сито и решето... ЌОРЛЕ, наречен „Ќор фишек", иако слеп, некако среќен во животот. ВЛЕЧКО, наречен „Влечигаз", иако без нозе и тој... ХАРАЛАМПИЕ, без раце, богомолец, зборува често старословенски и тој... ДАМЕ КОМИТАТА, професионален комита и разбојник, нема проблем САМОИЛ, крчмар, и вујко на Цвета, има проблеми, ама поинакви... ДИМИТРУЛИ, Влав и богат, и тој исто... СЛУГА... Народ, селани... тие секогаш имаат проблеми... Дејствието се случува во некое наше село, некаде на почетокот на 20. век. ЛЕТО 1. сцена Ден. Крстопат на крајот од селото. Нешто како крчма. Од едната страна е куќата на Цвета, од спротива - куќата на Даме кумитата. Бунар, суво дрво и страшило. Лето е, сонцето пече. Народ. Од толпата се издвојуваат тројцата сакати, пеат: ПЕСНАНАЛОВЏИИТЕ Ние сме ти тројца славни ловџии, едниот без очи, вториот без нозе, третиот без раце, вака... Народот се разидува... Покрај бунарот лежи Бошко, дреме. Низ сцената поминува Цвета, млада темпераментна селанка и се упатува кон својата куќа. Бошко, штом ја здогледува, скокнува и тргнува по неа. Цвета, врцкајќи се, се пикнува во куќата. Бошко, тивко, на вратата. БОШКО Цвето... Цвете... (на вратата се појавува Филомена, мајката на Цвета, лута, ифрит!) ФИЛОМЕНА „Цвето... Цвете"... вошкар еден! Бошко си ја „подвиткува опашката" и се подистава од куќата. Филомена влегува внатре. БОШКО Е серко еден, дрсло и кукајца. Баш немам среќа во животот. Ах, мори Цвето, што ми направи... дувот ми го пукна, ме зацрни, ме маѓепса. Ме умре! Секој ден, еве овде, од левава страна, под цицкава, а бре нешто како да ме боли, да ми гори, како некое запаление, некоја изгор вода да ми тече и туку ќе затрепери, па ќе се занишка, ќе запре и одеднаш како тројца ковачи, со чекани да почнат да удираат: Данг... дунг... рагадунг, рагадунг... и нема запирање... дур едниот мавнал, другиот замавнал... Изгорев. (ја пикнува главата во кофата со вода што е покрај бунарот... Чад излегува од кофата) Гледаш како чадам. Јајце да ми ставиш, ќе го сварам. А бре, да можам да ја начекам па: „Цвете, вака и вака е работата...", а таа: „Арно бре куме, прави со мене што сакаш и како умееш..." ами ако рече: „Не! и Нејќам повеќе да те видам." Дамлата ќе ме вркне на лице место... а, може така е и поарно, барем ќе се спасам од овие маки. Пак тргнува кон куќата на Цвета. Пукот од пушка. Бошко се вади од умот. Од другата страна на сцената влегува Голубинка, жената на Бошко, јака и лута. Носи пушка. ГОЛУБИНКА Бошко... Бошко... БОШКО Ај баси му ја... жената ми... (се крие) ГОЛУБИНКА А бре кукајце... а бре, курвариште... Бошко... (си оди) БОШКО (излегува) Е добро де, женет сум, па што?! Човек кога зема жена има два среќни моменти во животот. Првиот, кога ќе ја спрпелка в кревет и вториот, кога ќе ја спрпелка в гроб. 2. сцена Се слуша тажна љубовна песна. Пее Спасе, доаѓа напред на сцената... Бошко се крие. СПАСЕ Се осушив. Пастрма станав. Ветрот ме вее како вејка. Ни јадам, ни пијам. Ах љубов... љубов... чудна болест. БОШКО Не е болест куме... епидемија! СПАСЕ Де ми е ладно, де се потам... нозе не ме држат. БОШКО Кутри ние... СПАСЕ И да ставам крај... решив да се убијам. БОШКО Имаш право, нема чаре... СПАСЕ Ама како?! Како да се убијам, а да не ме боли. БОШКО Еда де... Како?! СПАСЕ Ех, кога би сакала таа да ме убие... би умрел со радост, без болка. Колку убаво би било да умрам од нејзините нежни раченца... БОШКО Ама, не знам дали ќе сака... СПАСЕ ... ама, не знам дали ќе сака?! Не, ќе се убијам сам. Најдобро е со бесење... (Бошко оди до бунарот и го зема јажето...) Кога би имал едно јаже, би го врзал горе за оградана, точно над дупката полна со ѓубре... БОШКО Зошто над дупката? СПАСЕ ... За душава моја, кога ќе тргне кон рајот, да не се удри, ако не дај боже паднам. БОШКО Умно смислено... СПАСЕ Би се качил на купон дрва... (Се качува на сувото дрво. Зад него Бошко се качува на работ на бунарот, си го става јажето околу вратот, демек го зеза...) Би си го врзал јажето околу вратот и „Ај боже поможи... едно... две..." (скокнува од дрвото. Бошко се лизнува и паѓа во бунарот) Ете, така ќе направам. Утре, или за некој ден... кога ќе имам време. Ама пред да се убијам, морам уште еднаш да си ја пробам среќата. (доаѓа до куќата на Цвета, вика...) Цвето... Цвето мори... БОШКО (Од бунарот) Цвето?! Ај, свињо смрдена... СПАСЕ (се врти и ништо не гледа) Кој вика? БОШКО Бошко! СПАСЕ (оди кај бунарот, застанува завртен со грб) Кој?! БОШКО Бошко! СПАСЕ (Како попарен скокнува) А бре, животно едно, што правиш внатре? БОШКО Квачам јајца. Ајде, извлечи ме! Спасе почнува да го влече јажето. Се појавува Бошко до пола, да не биде задавен, со двете раце го држи јажето над главата. СПАСЕ Кажи ми Бошко, вистина ли е тоа што се прикажува низ селово дека си затрескан во Цвете? БОШКО Ич да не ти е гајле. Спасе го пушта јажето. Бошко треснува во бунарот. Спасе се навалува над оградата. СПАСЕ Кажи, вистина ли е? БОШКО Слушај, ако ме извлечеш одовде, девојката е твоја. СПАСЕ Како можеш ти да ми ја даваш. Ти не си и мајка. БОШКО Ја знам мајка и... и ќе зборувам со Цвета. СПАСЕ Е па, кажи и вака... дека во целиов крај, од овде, дури до онде, до кај што гледа окото човеково, поубава девојка нема. БОШКО Ќе и кажам. СПАСЕ Ама, немој нешто да испуштиш. Ќе почнеш одоздола, па угоре... БОШКО Угоре?! СПАСЕ Ќе почнеш од нозете. Дека има најубави нозе, ко солунски диреци, ко срна во гора зелена, ко тополана во дворот на Даме. БОШКО А бре, извади ме! СПАСЕ (повторно го испушта конопчето) Ами бутчињата... стегнати, па опнати, бели и меки, овде онде по некое влакненце, колку носот да ти го скокоткаат... БОШКО Влечиии... СПАСЕ Па газињата, тркалезни и напупени, како две круши караманки... жолти дуњи... како две тикви видимки... Штом ги видиш, рацете сами тргнуваат на работа... БОШКО Аман, доста... влечи! СПАСЕ Одиме понатаму... дундето! БОШКО (крикнува) Немој дундето... Жити мајка, жити татко... жити златна Богородица. Скокни го дундето. СПАСЕ (повторно го испушта јажето) Дундето како симит и погача од кај Ристо фурнаџијата. замесено од бело брашно пченично, натопено од младо масло овчко, мириса мискојна... БОШКО А бре, еби си мајката... гомнар еден!! СПАСЕ (го извлекува) Е, вака се да и кажеш. БОШКО (изнемоштен седнува покрај бунарот) Ќе и кажам... Од куќата излегува Цвета, носи две кофи за вода, закачени на стап. Спасе спискува... СПАСЕ Иде... 3. сцена БОШКО Добар ден Цвете. ЦВЕТА Добар ден Бошко... добре дојде Спасе. БОШКО Значи така... одиш на вода? ЦВЕТА Одам на вода. БОШКО (На Спасе) Оди на вода. Цвета ја засукува кошулата, се подзамива, се попрскува... двајцата подголтнуваат. БОШКО И... како си Цвете? ЦВЕТА Добро... А вие? БОШКО Не е лошо... ама може и поарно... нели Спасе? СПАСЕ Кажи и бре Бошко, кажи и... БОШКО Е па, види вака, Цвето... Јас и Спасе... што би се рекло, имаме нешто да ти кажеме. ЦВЕТА Мене? БОШКО Тебе... нели Спасе? СПАСЕ Да... тебе. ЦВЕТА Е па, ајде побргу, мајка ми ме чека. БОШКО Е па, вака... леле бре, колку е убава... Цвете мори, колку си убава... ајде кажи и ти, Спасе. СПАСЕ Не можам. Тебе зборувањето полесно ти оди. БОШКО Добро! Добро мори Цвето, што ти направил, жити бога, овој јунак овде? ЦВЕТА Што ми направил?! Ништо! А не сакам ништо и да ми прави. БОШКО Ееее... а гледај ти што му направи. Го исуши, го направи суво дрво јаворово. Ова не е повеќе човек. Како празна мешунка од грав е. Да го дувнеш ќе летне како пердувче. Еве гледај, погледни го арно. Ова нозе ли се? Стапичиња, колје за домати врзување... и угоре ништо поарен. Снагана ко кожа од гајда издишена, само една глаа што му остана, а и таа ко куче цркнато, ко ќе се подује, очине ококорени, ко од був да се. И ти ова го нарекуваш човек?! Ах мори Цвето, немој да ми кажеш дека можеш да се затрескаш во ваков акреп. ЦВЕТА Јас?! Господ да чува! СПАСЕ А бре Бошко, вака ли се договоривме? БОШКО Малку се занесов... ова колку да се најдеме на муабет. Ах мори Цвето, зошто не го сакаш ова добро момче? Го турка Спасета пред Цвета. ЦВЕТА Па многу ми го исфали. А може и не ми одговара. БОШКО Како не ти одговара? Ти не си го пробала па да знаеш?! ЦВЕТА Не! И не ми треба! БОШКО Цвето, ќе се каеш. Ваков маж никогаш не ќе најдеш. Не ќе бидеш страдна за ништо. За се што ти треба, јас сум тука. ЦВЕТА Ама, ти си женет Бошко. БОШКО Ти не бери гајле за мене. Јас ќе си ја вршам работата. Спасе ми е пријател и се што ќе правам за него, ќе биде како за мене. СПАСЕ (Некако се пикнува пред Бошко) Цвето мори, кажи само еден збор и јас ќе правам се како Бошко. ЦВЕТА Види вака, Спасе. Јас сакам мажи на кои ништо не им фали. И второ, немој ти сега мене со слатки зборови да ме замрлушуваш и после да ме фрлиш ко стара крпа. СПАСЕ Немој така Цвете, немој верверичке моја мала. Јас ќе те чувам ко капка вода. БОШКО Јас сум тука... ќе бдеам над се... дење, ноќе... Ќе те чувам еве вака... Застанува зад неа и ја зграпчува како да ја чува, а со едната рака ја фаќа за цицка. Цвета застанува за миг, го гледа Спасе, ја гледа раката на Бошко на својата цицка, па му врзува шлаканица. Овој се повлекува смеејќи се. ЦВЕТА Фала ти, Бошко, на чувањето. Ама, јас се уште не сум за мажење. Се уште сум малечка. БОШКО Се уште малечка?! Ја слушаш Спасе? Не била за мажење?! А бре, ти со шест 'рзаци како нас можеш на крај да излезеш. ЦВЕТА Бошко, да си кажеме за право, јас нема да бидам жена што ќе си го залепи газот за огништето, седи дома и работи. Работи, работи и само работи! БОШКО Спасе слушаш? Еве жена за нас! СПАСЕ Цвете... ЦВЕТА Спасе, остави ме да помислам, па утре, здравје боже, ќе позборуваме. БОШКО Ех, утре... утре ќе биде доцна... Мајка и не е тука, да искористиме. Со стапот од кофите ја завртува и ја фрла право кон Спасе... СПАСЕ Па не мора баш сега... може и да почекаме. БОШКО Што да чекаш, вошкар еден. Е бре, сега ако не удриме, караванот си појде... рипај, фаќај ја... Донеси ја!! ЦВЕТА (Ја зграпчува вилата) Само некој да ми се доближи... БОШКО Што чекаш бре лајнар, фати ја за нозе. СПАСЕ Се плашам, ќе вреска. ЦВЕТА Сигурно дека ќе врескам. БОШКО Да ја занесвестиме. СПАСЕ Да ја занесвестиме... ама со што?! БОШКО Земај ја крпава! (Бошко од под појасот вади некаква валкана крпа, ја помирисува и веднаш паѓа, Спасе ја зема крпата и некако и приоѓа на Цвета одзади и и ја притиснува крпата на носот. Цвета се онесвестува. Бошко ја натоварува на грб.) Спасе, трчај, види да не иде некој... (Спасе излегува. Бошко со Цвета, тргнува во друг правец) Секој за себе... (излегува...) 4. сцена СПАСЕ (Се враќа) Бошко... Бошкоооо... ај, свињо смрдена, ми го начука без да сетам. Цвето, Цвете, чучулиго моја мала, ќе те онади оној мршојадец, ќе те голтне без да те џвакне. Бре, колку бев глупав што го послушав... „се што ќе правам ќе биде ко за тебе..." Прч еден смрдлив... сигурно ја има однесено во шумичкана, па на некоја лединака, со млада тревичка мека... Знаете што ќе му направам?! Ако е таму... и ако биде со гол газ, натртен, ќе му скокнам одзади и од гаќи ќе го истресам, ѕрцките ќе му ги извадам, јазикот ќе му го искорнам, очите ќе му препукнат. Ќе биде среќен ако го оставам жив. (пауза) Е така ќе направев, ако бев послилен од него. Судбино, моја несреќо. Животе, проклет да си што ме направи дрсло и кукајца (ја удира главата од сувото дрво) Умри, серко еден... (Застанува) Знам што ќе направам. Ќе легнам на земја и ќе цркнам. Срамот и бесот ќе ме задушат. (легнува) 5. сцена Пукот. Влегува Голубинка со пушката в раце... ГОЛУБИНКА Бошкоо... Бошкооо... (го здогледува Спасе на земја) Да не го виде мојот човек? Одговарај... море Спасе, да не си глув? СПАСЕ Пушти ме Голубинке, да цркнам. Не постојам повеќе, јас сум мртов човек. ГОЛУБИНКА Ќе бидеш сигурно, ако не ми кажеш каде е? СПАСЕ Ти да си жена на место, не би го пуштила да се ака како сака. ГОЛУБИНКА (Му ја притиснува главата со пушката) Се ака, каде?! Во крчмата? СПАСЕ Каква крчма... Таму во шумичката... на тревичка, со Цвета моја. ГОЛУБИНКА Со Цвета?! Ах, прч стар!! (Бесна го акнува сувото дрво, кое од силината на ударот, пукнува и паѓа.) Од другата страна влегуваат Влечко, Ќоро и Харалмпие, пеат... ЌОРО Кој е брачко, кој е, рогле од горе до доле... ВЛЕЧКО Тоа е на'шта кума... Жената на Боле ХАРАЛАМПИЕ Кој е Брачко, кој е? лезет што си тинка? ЗАЕДНО Тоа ти е Боле, Мажот на Голубинка. ЌОРО Кој е Брачко, кој е, сега што ми вреска... ВЛЕЧКО А сетне од лезет ми ја тресе треска? ХАРАЛАМПИЕ Тоа ти е Цвета, ќерката на Филомена. ГОЛУБИНКА Чумата да ве акне и од гаќи да ве истреси. Да даде Господ и да не слушаш и да не мирисаш... А ти цел живот да се влечкаш и до јазик да се изабиш... (бега) ЌОРО Зошто брачко, зошто, женава крева врева? ВЛЕЧКО Кога друг мандалото на мажот и му го крева. СПАСЕ И вие видовте како му го крева? ЌОРО Како што те гледам тебе, брачко Спасе. СПАСЕ А бре, ќор фишек, што можеш ти да видиш? КОРО Работи што ти не ги гледаш, овцо глупава, а тоа што кум Влечко поарно ги виде, висината му е подобра. ХАРАЛАМПИЕ Кажи брачко, кажи што виде од доле? ВЛЕЧКО Животинче едно чудно, со нозете на горе. ХАРАЛАМПИЕ Да ли беше скачка, ил' бумбар гомно што валка? ВЛЕЧКО Ни едно, ни друго куме тук Цвета со дундето ко алка. СПАСЕ Гомнари и суруши... Бегајте ми од пред очи, ќе ве убијам. Тројцата сакати излегуваат пеејќи... Кажи брачко, кажи, рогле кој е од нашиве мажи? ХАРАЛАМПИЕ Молчи си, трај си, гледај добро. поздрав од Влечко, Харо, и милиот Ќоро. Спасе фрла со вилата како со копје по нив. Од другата страна влегува Голубинка, влечкајќи го со едната рака скиснатиот Бошко, а со другата Цвета, целата распарталена. ГОЛУБИНКА Ајде мрдни прчу стар! (на Спасе) Еве ти ја „момичкава"! Му ја фрла во прегратка и бесна заминува, влечејќи го Бошко. 6. сцена Спасе останува сам со Цвета. СПАСЕ Нејсе, свршивте работа... (се обидува некако неспретно да ја погали, Цвета го гризнува...) да... работатата се заврши... Ех, да знаев... ЦВЕТА И ти ќе се навртеше! СПАСЕ (шокиран) Не! Не е тоа... ЦВЕТА Е, ајдеде... СПАСЕ Каде?! ЦВЕТА Што чекаш?! СПАСЕ Сакаш да те одведам кај мајка ти? ЦВЕТА Море, будала. СПАСЕ Па кажи, што сакаш да правам? ЦВЕТА А бре, ти маж си? СПАСЕ Јас сум тоа што ти сакаш, чучулиго моја мила. ЦВЕТА Грабај ме тогаш! (Спасе и се пушта, почнува да ја „граба"...) Не така, глупчо. Грабај ме од дома. Земај ме бегалка. СПАСЕ Сакаш? ЦВЕТА А што да правам... Чекај ме овде. Одам да си го земам бовчичето... (отрчува кон својата куќа.) 7. сцена СПАСЕ Ех Спасе, јуначиште едно старо. Е, баш ми се направи ќеиф на душава... „Аман заман, не можам без тебе, грабај ме земај ме бегалка." Ама, и Бошко сврши добра работа. Без него Цвета можеби не ќе се кандисаше. Добро ги ујдисав сите конци. А бре, мајстор сум, нема што. (од куќата се слуша гласот на Филомена: „Цветооо"...) ај, старата... (се крие.) ЦВЕТА Овде сум мајко... (Со бовчичето се обидува да избега...) ФИЛОМЕНА Ги нарани свињите? ЦВЕТА Нека пукнат... сета помија ми ја истурија... ФИЛОМЕНА (Излегува на портата) А што правиш со тоа бовчиче? ЦВЕТА Барам некоја крпа, за да се забришам. СПАСЕ (на страна) Колку е итра Цвета моја... ЦВЕТА Мајче, собери ги кокошките и пилињата, пред малку видов јастреб како врти над куќи... ФИЛОМЕНА Јастреб? СПАСЕ (излегува) Јастреб?! Каде... ЦВЕТА (да и го привлече вниманието) Ене го онде... (покажува неодредено) Брзо, пилињата... ФИЛОМЕНА (Отрчува во куќата) За се јас морам да водам сметка... СПАСЕ (се уште гледа нагоре) Нема јастреб... ЦВЕТА Држи! (му го фрла бовчичето и отрчува, па се враќа со една тава со долга дршка) СПАСЕ А креветот не го земаш? ЦВЕТА Земав тоа што можев. Што е?! Да и кажам на мајка ми: „Мајче, ме грабаат, јас сум бегалка, спреми го чеизот..." СПАСЕ Добро, тогаш да фатиме по кусоно патче... Тргнуваат, но патот им го пресекува Филомена... ФИЛОМЕНА Каде мори, кучко?! Те грабаат? Бегалка? Бегаш со сета куќа и покуќнина, со сиот чеиз... Враќај се ваму, смрдло една!! СПАСЕ (се обидува да ја одбрани) Мајче, немој така... Цвета е моја... (Филомена без збор го треснува, Спасе одлетува...) ФИЛОМЕНА Дојди ваму, овцо метилаа, мачко гурелаа, дојди коските да ти ги искршам... (Ја зграпчува и ја превртува преку колено, почнува да ја тепа по газот,) А мори, вртиопашке лажлива, мислиш дека е убаво ова што ми го правиш? ЦВЕТА (пишти) Што ти направив, мори мајче златна, што ти направив да ме бијаш вака? ФИЛОМЕНА Доста се лигавиш... Таа прашува што направи? ЦВЕТА Не греши душа мајче, без вина виновна ме правиш. ФИЛОМЕНА А бре, слушаш што зборува?! СПАСЕ (од страна) Слушам... ФИЛОМЕНА Значи, јас сум виновна? СПАСЕ (се осмелува, приоѓа поблизу) Виновна си! (Филомена го шлепнува, Спасе паѓа. За тоа време Цвета ја пикнува тавата под кушулата, ја наместува на газот.) ЦВЕТА Не е убаво да ме бијаш на денот на мојата свадба. ФИЛОМЕНА Не е убаво?! (ја удира силно по газот, удира во тавата) Море тврд газ?! (му свикува на Спасе) Колон... додај ми го колон. (Спасе инстинктивно зема еден кол, па кога му текнува зошто е, го фрла...) А бре мрдни, или сакаш тебе да ти се нафрлам. Уплашен, Спасе зема една прачка и и ја подава. Филомена со прачката удира по газот... удира и си прават муабет. ЦВЕТА Ех мори мајче, кога ќе ми текне како ми велеше дека јас сум твоја крв и месо, дека окото ми игра ко твоето некогаш... Дека ко ќе дојде време од тоа нема ништо поубаво... ФИЛОМЕНА Ајде, ајде... за тебе тоа не важи. ЦВЕТА Море мајката, само тебе слатко да ти иде. За тебе важи, за мене не важи... Па, нели од исто тесто сме замесени? ФИЛОМЕНА Тебе, ѓаволот те замесил со опашката, затоа си таква, дрчна и сладострасна. ЦВЕТА Ами, ако е за тоа, мајче, забораваш кога си била јаврииче на мои години, може и помала и кога си избегала со еден војник, потоа со еден калуѓер, па дури тоагаш татко ми некако те начекал. ФИЛОМЕНА Ти ништо не знаеш. Со војникот избегав зашто повеќе не можев да ја трпам мајка ми, баба ти Ангелина, а со калуѓерот бев по казна... ЦВЕТА Зошто?! ФИЛОМЕНА Ме фатија како ја трујам Ангелина... ЦВЕТА Баба ми?! ФИЛОМЕНА Мајка ми. Ме осудија, година дена да поминам со калуѓерот. Гледаш, јас се што правев, правев зошто морав... а ти?! ЦВЕТА Порано требаше да мислиш дека ми е дојдено време за мажење. Ти не помисли, јас му се ветив на овој. Цвета, некако се измолкнува и го истуркува Спасе пред себе, подавајќи му ја тавата. Спасе нема време да ја подмести, не знае што да прави со неа. Филомена малку го шлака, но повеќе го потштипнува по газот уживајќи. ФИЛОМЕНА И кажи ми, зошто пак толку многу го сакаш овој гургут? Да не те онадил? СПАСЕ Мајче... ФИЛОМЕНА Тој ми вели мајче... а бре, бегај одовде, смрдло еден, зашто ако те акнам... СПАСЕ (се осмелува и храбро застанува пред Филомена) Не бегам! Цвета ми се вети, јас ќе ја чувам!! ФИЛОМЕНА Е, сега ќе ти го скинам вратчето, петле едно голошиесто! Рипнува Филомена, почнуваат да се борат. Паѓаат на замја, се тркалаат... прав се крева... Едно време му седнува одозгора... охохохо... охохохо... ЦВЕТА (спиштува) Мајче мори, ќе го алосаш, ќе ме запустиш. На викањето дотрчува Самоил крчмарот, братот на Филомена... Доаѓаат и други луѓе... САМОИЛ А бре луѓе, аман-заман, што се овие тепачки? Сестро мори... запри малку (Тепачката продолжува) А бре, што мислите, дека сте в град?! (се обидува да ја отргне сестра си) ФИЛОМЕНА Пушти ме, брате Самоиле, џигерот да му го искорнам! САМОИЛ Аман бре, што ти направил? ФИЛОМЕНА Мене ништо... прашај ја внука ти... СПАСЕ Самоиле, јас ја сакам Цвета и ние сакаме да се земеме. САМОИЛ Еарноде... ФИЛОМЕНА Како арно?! Со голтар, гол како пиштол, гол како полжав лигуш... како гол... не може!! Јас ја имам таксано во фамилија... богата... за момче асално... домаќинче... ЦВЕТА Кое?! Кажи жити Ристос, кажи кое е, сакам да го видам. ФИЛОМЕНА Што има ти да го гледаш, важно јас си го знам. САМОИЛ Спасе си е чесно момче, добар работник... со него Цвета нема да биде страдна ни за леб... ни за нешто друго... ФИЛОМЕНА Самоиле црни, тој ми ја одзеде честа... САМОИЛ Твојата чест?! Аман бре, сестро... внучке, да те прашам нешто... Овој јунак овде, овој арслан... дали те... Ме разбираш што сакам да кажам... (Цвета засрамена ја наведнува главата без да одговори... Самоил му приоѓа на Спасе) Е, море дрчен Спасе, не си смеел... СПАСЕ Ама јас ништо не направив... САМОИЛ Не си смеел толку долго да чекаш... (го треснува по плеќи) Добро, ај нека ви е со среќа, ќе правиме свадба. ФИЛОМЕНА Никогаш нема да ја дадам ќерка ми на овој голтар овде, на овој ќе-умре-од-глад... Каков е, кој знае колкав мираз ќе ми бара?! СПАСЕ (и ја враќа тавата) Еве ти го миразот, дај ми ја ќерка ти. Ја земам таква каква што е... гола-гола... (почнува да ја соблекува... Цвета спиштува) И остави не да се провеселиме... САМОИЛ Ајде, викајте музика, дајте лапачка, пијачка... вади ја големата маса... денес е празник... (сите се растрчуваат) Влегуваат Влечко, Ќоро и со нив Харалампие. ХАРАЛАМПИЕ Господ нека го спаси целиот свет, но најнапред младоженците, да им даде долг живот среќа и бериќет, в имја оца и сина и свјатаго духа - амин. ВЛЕЧКО Гледај сега: Оца, сина и свјатаго духа и господ еден... А бре многу богови за овие голтари. ХАРАЛМПИЕ Света дево, Маријо, мајко и споруго, помогни им. ЌОРО Еве ти уште четири, ама овие се женски, да се мешнат... да фати молитвата. САМОИЛ А бре Харалампие, аман-заман, умееш ли ти и нешто конкретно да кажеш? ХАРАЛАМПИЕ (Се врти кон младоженците) Моме мори Цвето, ќерко на Филомена и на... (погледнува кон Филомена бара помош) ФИЛОМЕНА ... и на Стојан. ЦВЕТА (изненадена се врти кон мајка си) Сигурна си дека е Стојан? Нели беше... ФИЛОМЕНА Цветан! ХАРАЛАМПИЕ ... и ќерка на Цветан... САМОИЛ Аман бре, Филомено, како Цветан, кога тој умре пред триесет години. ЌОРО Ајде Фило, кажи кој е... остана Цвета немажена. ФИЛОМЕНА Трпе... Трпе... тој и никој друг. ХАРАЛАМПИЕ ... Цвето, ќерко на Филомена и Трпе, го сакаш ли за маж, овде присутниот Спасе и да си живеете како што Господ заповеда. ЦВЕТА Го сакам! ХАРАЛАМПИЕ Спасе, син на Спасе... а бре како така и татко ти се вика Спасе? СПАСЕ Аманет на дедо ми. Велат дека сум имал некој пра- пра дедо Спасе, ама бил многу мрзлив човек... е, и тој на сите деца... ХАРАЛАМПИЕ Спасе, син на Спасе и Евдокија, сакаш ли да ја земеш за венчана жена, овде присутната Цвета и да си живеете како што Господ заповеда? СПАСЕ Сакам. ХАРАЛАМПИЕ Дајте ми ги рацете... клекнете... (им ги врзува рацете со слама, а на главите им става воловски јарем) Ве прогласувам за маж и жена, да делите добро и зло во вјек и вјеков - амин. (општа радост. Харалампие го накрева билнакот со вино. Почнува песна: Сега Харо пиеше на Чкаре му е редот... пи Чкаре, пи , на тебе е редот... Пијанка, веселба...) Сега пријателите на младоженецот од една страна, на невестата од друга... (се редат) А така... сега фатете се за рака... (неколку жени спиштуваат) Реков за рака... ај сега, песна... оро... (се импровизираат разни инструменти... се пее некаква раскалашна, безобразна песна, се вие оро околу бунарот. Спасе ја поведува Цвета кон шумичката... и некои други парови скришно си одат... Филомена го зграпчува Харалмпие и го напикува во својата куќа. Избива пожар кај бунарот. Сите се разбегуваат. ЕСЕН 1. сцена Истата сценографија, во есен. Златно-жолто-светло. Луѓето работат по полето. Напред на сцената излегуваат Ќоро, Влечко и Харалампие. ЌОРО (Кон публиката) Еј вие, останете, не бегајте. Не ви прикажавме се. Мислите дека свршено е со комедијата штом се зедоа?! Е. кутри мои, значи кај вас е така. Свадбата е крај на се. Си легнуваме и ништо повеќе не се случува. Е, кај нас е поинаку. ХАРАЛАМПИЕ Еве, да речеме, Цвета која се омажи ова лето, зашто свадбата беше во лето, ќе ја најдеме во есен. Лисјата пожолтуваат, а девојката созрева. Како што цветот со време станува плод, овоштие или зеленчук, така девојката рспупува, расцветува, распукува и природата ја турка кон поинакви размисли. ВЛЕЧКО А, и Спасе созреа. На младото јуне почнаа да му растат рогчиња. Да се разбереме, не сакам да речам дека е вол, ама полека лека натаму оди. ХАРАЛАМПИЕ Единствено не се промени кум Бошко. Кој што прави, гледа како да и се наврти на Цвета. ЌОРО А, и не му е лесно. Ставете се на негово место. Кинете еден убав цвет, ви го оттргнуваат и му го даваат на првиот комшија де се опијанува од неговата миризба и аромат. ВЛЕЧКО И сега тој, како загар, а ја почуствува миризбата веднаш тргнува по трагата. И тоа си е природно. ЌОРО Но, еден ден, ако не чувствувате миризба, тоа значи или дека жената не мириса, или дека со вашиот алат, мислам на носот, нешто не е в ред. ХАРАЛАМПИЕ Ај, за малку ќе заборавев. Сега ќе ве запознаам со Даме комитата. А бре, што да ви кажувам, војник и комита, војвода и арамија, курвар и пијаница... Море, тој најубаво ќе ви каже. Затуткајте се добро, застуде, есента доаѓа. 2. сцена Доаѓа Даме комитата. Наконтен, дотеран со сите нишани. Така и оди. Народот се собира околу него. НАРОДОТ Еве го Даме комитата... дојде Даме јунакот... ЌОРО Ех бре, Даме, какво мажиште си станал, одвај те познав. Филомена го дочекува со кошница полна со јаболка. Му подава едно. ФИЛОМЕНА Добре дојде Даме, убавецу наш. Ја остава кошницата и го прегрнува ДАМЕ Ех мори Филомено, дај уште едно јаболкце. (Филомена се наведнува кон кошницата, а Даме и ја турнува раката под кошулата) Ех што убави јаболкца... (се кине од смеење, и другите по него.) САМОИЛ И повеќе не се тепате со Турчиштана? ДАМЕ Се испотепавме: и Турци, и Грци, и Бугари и Арбанаси и сега можете слободно да живеете. НАРОДОТ Е, фала ти бре Даме што ни ја донесе слободичкава мила. (излегуваат. Останува Даме сам) ДАМЕ Еј што убава работа е да си комита. Ама да си ас комита, како мене. Секој те почитува, чест ти укажува. А второ, кога си комита, никому отчет не мораш да даваш, те кај си бил, те зошто си бил... те купи ова, направи она... Не бре брате, си правиш тоа што си сакаш и си уживаш. А и комитлакот, не е некоја тешка работа. Малку се тапаш со Турци, или Грци... или Арбанаси, а понекогаш кога е досадно и помеѓу себе се тепаме. И не е лошо. А и по некоја паричка паѓа. Што?! На сиромаси? Даваме, даваме на сиромаси. И за организацијата. А јас нешто си чувам и за старост... нека се најде. Нешто оставив кај едно глупаво селанче, а штом човек е глуп, тогаш е и чесен. Оставив и кај мојот пријател Димитрули, тој е вешт со парите, ќе им најде чаре. (се приближува кон својата куќа) Ова е мое... ништо не се изменило, а и на другава страна, кај Филомена... Ех, кога ќе ми текне за Филомена... Па едно ќеркиче што имаше... Ене, онде, и берев оревчиња и лешничиња. Не би било лошо да им се јавам. 3. сцена Цвета излегува од куќата, Даме се задскрива зад бунарот. ЦВЕТА Пи... пи... пи... пили... пили... пили... кот... кот... кот... (оди кон бунарот... одеднаш Даме изрипува...) ДАМЕ Кукуригууу... ЦВЕТА (изненадена спиштува) Туф бре, да не пукнеш, дувот ми го зема. Кој си ти? ДАМЕ Не ме познаваш? Јас сум Даме... Даме комитата... Јас што ти берев оревчиња и лешничиња... ЦВЕТА (скокнува и го прегрнува... Даме ја завртува) Даме... еј Даме... Војводо мој... од кога не сме се виделе? ДАМЕ На Ѓурѓовден, три години... ЦВЕТА Три години?! Си се изменил... си станал некако... така... ДАМЕ Ама, и ти си се пополнила... Насекаде те има... ко дропка си мори Цвето... ко јаболче, бело црвено. ЦВЕТА Еј... еј... ме срамиш... ДАМЕ Цвето, Цвето... ко те видов, а бре знаеш, како нешто да ме штрекна. Од кога заминав во гора зелена, сум гледал волови, крави, коњи, магариња, кози, овци, свињи и секогаш ми било така, некако убаво, ама никогаш не ми било како сега, тебе кога те видов... ЦВЕТА Како гром да те стрефи... ДАМЕ Аха... ЦВЕТА Ровја како да те фркна... ДАМЕ Аха... ЦВЕТА Море, Даме, таму во гората, да не те фатила некоја треска, да не си ми настинал? ДАМЕ Настинат сум... настинат... туку да ме истриеш со малку ракиичка... тантузи и чаши да ме наредиш... (Се обидувада ја зграпчи, таа му бега и врти колу бунарот.) ЦВЕТА Да не ти биде малку многу, море Даме? ДАМЕ Колку повеќе те гледам, се повеќе си мислам дека сум се вратил само заради ова... ЦВЕТА Значи, вистина е што кажуваат за вас комитите? ДАМЕ Што тоа? ЦВЕТА Дека грабате на сила млади вдовички, жени распуштенички, невести и девојки и дека си правите ќефои. ДАМЕ Е па, не можеш да кажеш не - кога те молат. ЦВЕТА (Малку разочарана) Значи, не грабате на сила? ДАМЕ А бре Цвето, има и тоа, ама повеќето молат да дојдат со нас. (и се приближува) види Цвето, ти ако сакаш, не мораш да ме молиш... ЦВЕТА Ах, пусти Даме, јас сум од чесна фамилија... не одам никаде. ДАМЕ Па можеме и овде некаде... или да скокнеме до шумичката? ЦВЕТА Е па, сега нема лешничиња. ДАМЕ Можеме да собираме капинки? ЦВЕТА Ехее... од кога направив слатко од нив... А бре Даме, што сакаш ти, кажи право. ДАМЕ Да ти го... ова како да ти кажам, а грешно да не ме разбереш... види... немам зборови... А бре, полесно ми е со илјада Турци и пет илјади Грци да се потепам, отколку... ЦВЕТА Да ми го опнеш? ДАМЕ (со големо олеснување) Е тоа! Одеднаш се слуша песна... Спасе доаѓа пеејќи... ЦВЕТА Е море Даме, што да ти правам, мажот ми доаѓа... ДАМЕ Мажот ти? Ти мажена си? ЦВЕТА Да, за Спасе! ДАМЕ Спасе овчарот? Па нему му оставив нешто паричка да ми чува. ЦВЕТА Ај сега, оди си... Спасе многу вреска и ми се лути, ако ме види да разговарам со други мажи. ДАМЕ (влегува во својата куќа) Кажи му да дојде, да се видиме, што поскоро. ЦВЕТА Ќе му кажам... влези! (секој влегува на својата страна) 4. сцена Влегува Спасе, добро расположен, потпевнува и си игра со едно ќесе со пари. СПАСЕ Сам Господ знае на каков начин ги спечелил париве. Ко бајаги комита, а ваму арамија, ајдук, разбојник и крадец. Што народот има пропиштено од него па, па,па... тој од народот, јас од него. (Оди и го крие ќесето под едни дрва и камења... ги искинува алиштата, зема едно дрво се треснува со него по глава и почнува да вика.) Помоош... напомош луѓе... аман... заман... ме нападнаа... ме оробија... јас сум мртов, јас сум убиен... (гледа кон куќата на Даме) Е, што сака уште?! (викнува посилно) Помоош, напомош... убиство. А бре, ме нападнааа и оробија!! (Се сетува) Еј што сум глуп. Како да не го знам што дрсло и кукајца е. Тој сега се пикнал во некоја дупка и до вечер нема да излезе... Пожар... пожар... изгоре куќава... Истрчува Даме, по гаќи... паника... ДАМЕ Пожар?! Каде?! Што гори... СПАСЕ Помош куме... отворај да се спасам... ДАМЕ Што е? Што се случило? САПАСЕ Беа повеќе од стотина... со ластегарки и со стапови... со малихерки и алтипатлаци... имаше еден и со топ! ДАМЕ Каков топ? СПАСЕ Црешов! Ме избушија како решето. ДАМЕ Отидоа? СПАСЕ Избегаа... вит-виделија фатија кога видоа дека ти им доаѓаш во пресрет. ДАМЕ Избегаа, велиш? СПАСЕ Да куме, ама го однесоа и ќесето што ми го даде на чување. ДАМЕ Со моето ќесе? Ете ме долу... СПАСЕ Е вошкар еден, за ќесето нозе ќе искрши. (Даме истрчува) Куме трчај, наоѓај некој поп, да ме очита да се исповедам. Душава ме напушта низ раниве крвави. ДАМЕ (Го зема и го носи кон бунарот) Не ти е ништо. СПАСЕ Кршен сум парче по парче, не гледаш? ДАМЕ Каде? СПАСЕ (вреска) Ау... не ме допирај... боли... ау... ау... (колку Даме помалку го допира, толку повеќе вреска...) ДАМЕ Ти велам, не ти е ништо! СПАСЕ Ајде, куме, не ми кажувај. Знам дека сум издупен, изрешетан, искасапен на најважните места... Тргнато е од оздола нагоре... ДАМЕ Како така?! СПАСЕ Ме слушаш ли како свирам на тенка жица, сигурно најважниве делови од телово ми се откинати... ја види, нешто да не ми фали? ДАМЕ (откако го прегледа) Добро е, се си е на место. СПАСЕ Колкаво е? ДАМЕ Што?! СПАСЕ Тоа што е на место... ДАМЕ Педа и пол, две педи да речеме... СПАСЕ Ме запустија... ме зацрнеа... како ќе ја погледам жена ми в очи... и другите како ќе ги погледам? ДАМЕ Е што толку се засекира куме? СПАСЕ Па ми отфикариле најмалку четири прсти, цела педа може... ДАДЕ Ништо де... имаш-даваш. И кои беа? СПАСЕ Кои?! ДАМЕ Тие што ти го зедоа ќесето. СПАСЕ Па имаше еден мал... ДАМЕ Еден мал... аха... и? СПАСЕ Ама што имаше еден голем... тој маваше најмногу! ДАМЕ Аха... и? СПАСЕ Така... беше силен како тебе. ДАМЕ Аха... и? СПАСЕ Криви нозе... какотебе... ДАМЕ Аха... и? СПАСЕ Изглед глуп... како тебе. ДАМЕ Аха... и? СПАСЕ И постојано велеше: „аха... и?", како тебе. ДАМЕ Аха... и? СПАСЕ Па тоа значи дека си бил ти. Ти си ме напднал, да си играш мајтап со мене. ДАМЕ Јас си играм мајтап, или ти? Што мислиш, дека Даме кумитата е толку будала. Пред малку те слушнав како пееш. СПАСЕ Јас сум пеел? Запевав, кукав, завивав... ДАМЕ Враќај го ќесето бре вошкар, зошто сега ќе ти го скусам долното место за две педи. Одеднаш пуктоници, врескања... се слуша гласот на Голубинка... бесна, пцуе. Бошко бега и се обидува да се спаси... СПАСЕ Куме бегај... се вратија арамииите... Бркотница. Голубинка пука, Бошко бега, Даме побегнува во својата куќа. Спасе останува сам. Вади едно пагурче со ракија, седнува покрај бунарот, таман да тргне, кришно влегува Бошко. БОШКО Сам цуцаш? СПАСЕ Не, еве ти и тебе. (Бошко седнува покрај Спасе) И, што беше ова? БОШКО Кое? СПАСЕ Ова пред малку? БОШКО А тоа... ништо. Бошковица од време на време вежба. СПАСЕ Фала ти... ме спаси... БОШКО Ти знаеш, јас од секогаш сум те сакал како брат. СПАСЕ Знам куме, знам. БОШКО А за она... пред свадбата... СПАСЕ Да не зборуваме за тоа... БОШКО Не, да зборуваме... СПАСЕ ... тоа ти го направи од пријателство... БОШКО Ама ти не веруваше. СПАСЕ Па ме фати тогаш... некако така... некаков бес... БОШКО Е, а јас Цвета отсекогаш ја гледав како родена жена да ми е. СПАСЕ Знам куме, знам. БОШКО Ене, пред некој ден, на попот ќе му ја искубев брадата кога го најдов зад црква со Цвета. СПАСЕ Тие така си зборувале... а башка, поп Никола е пријател на мајка и... БОШКО Да... и на мајка и... СПАСЕ Немој така, куме. Цвета е чесна жена. Е сега, има мушички и бубачки... ќе викне, ќе ме тресне... ќе побегне... ама за другото е светица... И толку ме сака... да седнам, веднаш седнува до мене... кога се враќам скапан и уморен од работа, ме трие со киселина и чиста бела крпа, секое делче од телово ми го иштипува... А кога ќе си легнеме... БОШКО Сонуваш Спасе, сонуваш... или некој ти раскажувал приказни. Цвета ја знам и немој ти мене... СПАСЕ ... Навистина во последно време нешто подвраќа... ако кажам една, таа враќа со три... Ако, недај боже кренам рака, си го кркам без да сакам. БОШКО Гледаш куме, тука нешто се крие... СПАСЕ Мислиш?! БОШКО Би проверил да сум на твое место. СПАСЕ Како?! БОШКО На пример, јас ќе се преправам како за прочка, ќе го сменам гласот, ќе и тропнам на врата и ќе и кажам вака и вака... СПАСЕ Ама ако сака? БОШКО Тогаш ќе знаеш на што си. СПАСЕ Поарно да не знам. БОШКО Како сакаш... (пауза) СПАСЕ Треба цела приказна да измислам... БОШКО Остави ме мене и не бери гајле... Да не имаш некоја паричка? СПАСЕ Зошто ти е?! БОШКО Така ќе биде полесно. Спасе вади од парите и му дава, Бошко зема и излегува. Спасе останува сам... се шутка... СПАСЕ Ќе се сокријам, па ќе видам што ќе прават... Излегува... влегува Даме комитата, по гаќи... се упатува кон куќата на Цвета. ДАМЕ Цвета ми даде знак, ќе се обидам уште еднаш... (одеднаш слуша некакви гласови) Мајко, Турци... да се повлечам и да фатам пусија... Бега... влегува Бошко, облечен како Турчин... БОШКО Море, кучињата ќе ме изедеа, толку убаво сум се преправил... (го вади ќесето со пари) Ај, боже поможи... Цвето... Цвето... Еј, што сум глуп... треба како Турчин... А мори анамко, ќе го отвораш, или да го кршам... ЦВЕТА (Од внатре) Кој е? БОШКО Мојот!! ЦВЕТА (ѕирка на вратата) Кој?! БОШКО Јузбашијата Џемаил. ЦВЕТА И, што сакаш? БОШКО Сакам да ми го отвориш. ЦВЕТА Е да ми простиш ага, ама јас не примам гости што не ги познавам. СПАСЕ (на страна) Браво бре Цвето, така те сакам. БОШКО Ама, јас ти ја познавам... Ај отвори портата, па да ти го покажам мојот мерак. ЦВЕТА Не треба ага, не треба... БОШКО Како мори, не треба... Како те гледам, така меракот ми расте... Ај ,отворај портата. ЦВЕТА Аман бре ага, што сакаш од мене. БОШКО Е, ај да ми го погодиш? ЦВЕТА Немој така, ага... БОШКО Како немој... јас за тебе сум дошол дури од Стамбол. Ми рекле... во фиљан, фиљан село има мома дуња ѓузели, сум дошол да те видам... Отворај портите да не го вадам топузов... (и го дава кесето со пари... Цвета го зема.) ЦВЕТА Море Турчин јаничар... а бре, од вас дерман се нема... ами, ако ме видат селаните. Не стој надвор, влези! Ја отвора портата. Бошко влегува... Излегува Спасе... СПАСЕ Море шејтан Бошко, успеа и влезе. (се свестува) И влезе?! А кучка, а лишка и пачавра... а ороспијо со тапија... пак сакате да ми го начукате... отворај!! Море, чекај Спасе, застани... ќе им се пикнам од кај капиџикот... Спасе за миг исчезнува. Од другата страна се појавува Даме комитата во комплетна комитска опрема и вооружен до заби. Шета по сцената. ДАМЕ Кај сте бре, Турци селџуци... Кај сте да видите кој е Даме кумитата... аха, се посравте... никаде ве нема... Излегувајте бре, мамето да ви го ебам!! Од куќата на Цвета трескотници, пукотници, врискања и викања... Даме бега дома. ДАМЕ Напаѓаат, фрлајте гуњи пусии зошто се камен тешко најдува. Од куќата на Цвета, Бошко бега по ѓаќи, со фесот на глава, по него бега и Цвета и таа некако разгологазена, трча кон куќата на Даме... тропа на вратата. ЦВЕТА Даме брате... аман-заман, отворај... ќе ме убие... Вратата се отвора, Цвета се пикнува внатре. Од куќата на Цвета истрчува Спасе со секира во рацете. СПАСЕ Цветоо, Цветоо... Каде избега, пичка и стопанкина. Ама и јас сум крив. Цацко ме натера... А што направи?! Ја отвори вратата, така?! Па што има лошо да отвориш порта. И тоа пред кого? Пред Турчин, пред ага. А можеби го препозна кум Бошко? Можеби таа со мене си правеше комендија, а јас гомнар - туп секирата. Ќе ја пратев кај господа ни крива ни должна. ДАМЕ (од внатрешноста на куќата) Дојди мори, пиленце шарено... дојди, не плаши се... СПАСЕ (се кикоти) Опаа, и Даме комитата си фатил пиленце шарено... ДАМЕ Е така... ела... а така... убаво... СПАСЕ Убаво... на сите им е убаво... само мене... Цвето, кај си мори Цветоо... ЦВЕТА (се појавува на прозорецот од Даме, ама некако чудно мрда...) А кај сакаш да бидам?! СПАСЕ А ти си... тука си... ЦВЕТА Тука сум... гледај каква мака морам да трпам заради тебе... (плаче...) ЦВЕТА Не плачи Цвето... не плачи... (Цвета се повлекува од прозорецот.) Ех, каков вошкар сум. И сега, што да правам? Кај Даме не смеам да одам, ќе ми ги бара парите? Море, пари не пари, Цвета не му ја оставам! (се затрчува кон вратата на Даме, но таа е затворена.) Даме отворај... Отворај море кукајцо... (се затрчува, удира во портата... паѓа... Се обидува уште еднаш, не успева...) Ќе појдам до крчмана да земам малку сила! Оди во крчмата. Од куќата излегува Даме, држејќи се „долу". Чудно потскокнува... ДАМЕ А бе, невевчево ме запали, под старост ми ја зовре крвта. Сама дома дојде. Јас полека, кроце... дојди пиле - дојде... А така... а така, и ко си помислив сега ќе биде најубоото, ко ме акна, еве овде, сите ѕвезди ги видов. (тргнува кон бунарот) Морам малку да се разладам. (одеднаш се слуша песна, Даме се зашуткува...) Ах, ме фатија без оружје, песни пеат, трби трбат, сигурно цела чета напаѓа. Гледа еден празен кош, се пикнува во него. Влегува Влечко, пеејќи, се упатува кон куќата на Цвета... Всушност тоа е Харалмпие, преправен во Влечко. ХАРАЛАМПИЕ Цвето... Цветооо... Цвета се појавува на прозорецот од куќата на Даме. ХАРАЛАМПИЕ Што бараш ти таму? ЦВЕТА Ќе ти објаснам. Исчезнува од прозорецот. Харалампие ги отфрла реквизитите на Влечко. Истрчува Цвета... се прегрнуваат... ХАРАПМПИЕ Цвеќе мое... ЦВЕТА Песнопоец мој. Отрчуваат кон шумичката. Од кошот ѕирка Даме. ДАМЕ Аха, аскерот си замина. Ќе се правам будала и ќе си молчам. (пак се слуша врева...) Опаа, нови непријатели, во заслон, Даме. Се крие во кошот. Влегува Бошко, потспастрен. Носи ластегарка. БОШКО Баш би сакал да знам како заврши приказната со кума Цвета. ДАМЕ (од кошот) Птичките одлетаа... БОШКО (ја стегнува ластегарката) Ха, кој е тука? ДАМЕ Пријател во судбината несреќна. БОШКО Даме кумитата... ДАМЕ Победен... посрамен... Непријателот беше многу помногуброен, морав да се повлечам. БОШКО А што сакаше да кажеш со тоа: „Птичките одлетаа?" ДАМЕ Тоа што го кажав. БОШКО Цвета отиде? Со кого? ДАМЕ Со Влечигаз. БОШКО Што?! ДАМЕ Ти се отсекоа нозете. Ама овој не се влечеше, туку отрча со неа... Харалампие. БОШКО Харалампие?! А предавник, кодош и курвар!! Мене тоа да ми го направи?! А јас цел живот го мислев за пријател. ДАМЕ Како што може пријател да ти го... БОШКО Јаден Спасе, што дочека. Треба да му кажеме. Греота е. Од крчмата излегува Спасе, пијан и наоружан за борба, котле на главата, капак од буре како штит, дрвена вила... проаѓа покрај двајцата, не ги забележува. Овие чудно го гледаат. Доаѓа до вратата на Даме. Се дере. СПАСЕ Кај си бе дрсло... излегувај кукајцо... Ќутиш?! Си се стиснал како стипца... Кај си се напикал? Ако ти влезам, џигерот ќе ти го извадам... сплинката, така крвава и жива ќе ти ја јадам... Излегувај бре, ако смееш!! БОШКО Полека Спасе, смири се. СПАСЕ Кој е таму? БОШКО Кумот Бошко. СПАСЕ (дури сега го здогледува) Со Даме кумитата? Си се ујдисал со него? И ти ме предаде... Е сега ќе ве парчосам сите четворица... (се затрчува со оружјето... Даме и Бошко бегаат...) БОШКО А бре, овој гледа дупло. ДАМЕ Куме... аман, имај милост. Жена ти не е кај мене... СПАСЕ (се повеќе добива храброст) „Не е кај мене..." Бандо една... рацете горе! Горе реков, не на крст. ДАМЕ Море јунак, ти си бил роден за комита. Таков те сакам... Слушај, нешто ми текна... а да те пуштам во четата на Леонида. СПАСЕ Каде?! ДАМЕ Во четата на Леонида Војводата. БОШКО Аааа... па ова е голема работа... Спасе, чу? За ова мора да се напијаме. СПАСЕ Ама сега јас немам време... морам да ви ебам мајката. ДАМЕ (вади шише со вино) Ај, да наздравиме... За Спасе комитата. БОШКО За јунакот Спасе... А за Цвета не бери гајле, јас ќе ја вардам... СПАСЕ А ноќе? БОШКО И ноќе, ако треба... СПАСЕ Треба, како не треба... таа ноќе понекогаш станува и шета... оди некаде. Месечарка. ДАМЕ Знаеш што ми рече Леонида Војоводата пред да си одам од четата? „Брате Даме, ваков јунак како тебе тешко ќе се најде. голема загуба е ова за нас. Ама сум чул, дека кај вас во селото имало многу јунаци, на снага арслани, по душа ѕверои, ни од мечка, ни од Турчин што се плашат. Да пуштиш еден. Ама да не биде од оние дрсловци и вошкари без куќа и куќиште, без никој свој, кои штом ќе згусти веднаш ќе си ја дувнат, туку од оние чесни мажи, што си ги сакаат жените и кои ќе се борат да им донесат пари, бисери, ѓердани, злато неброено, тантели, кадифе... (Од далеку се слуша звук на воена музика... труби, барабани...) Ех бре Спасе, да знаеш колку е убав животот во борба. Се би оставил, би фрлил и би отрчал. В планина, на рудина, в гора зелена... Па ко ќе р'знат зурли и тапани, а ти облечен, дотеран. Си ја стегнал малихерката во едната рака, лиегето во другата... Погледотти е остер како на орел картал и гледаш долу во полето, црнејца: Турци, Грци, Бугари, Арбанаси, Срби, Французи и Германци... Срцето ти бие посилно од барабаните војнички и тогаш... Напред браќа! Смрт или слобода!! Ураа... Урааа!! Стануваш човек!! Спасе како во транс се исправа, маршира... Воената музика е се погласна, се меша со истрели на пушки и топови... Гранати ја потиснуваат музиката... Спасе е во транс... Сцената станува апокалиптична... темнината ја пресекуваат експлозии... Селаните панично бегаат... војна, убиства, силувања... Селото е во пламен... Полека, бучавата исчезнува... Пламенот и експлозиите ги нема. Настанува мрак и тишина. ЗИМА 1. сцена Од далеку како да ги бара нотите, се слуша звук на кавал, широка и елегична мелодија. Зимска, замрзната светлина. Го гледаме селото уништено од војната. Од куќата на Цвета останале само четири изгорени ѕида, кај Даме кумитата останал само оџакот, крчмата е во нешто подобра ситуација, но и таа носи траги од уништувањето. Покрај бунарот, малечок оган, стиснати и смрзнати, седат еден покрај друг Бошко, Ќоро, Влечко, и Харалмпие, кој свири на кавалот. ЌОРО (го прекинува свирењето) Не е така. Треба... тра- ла-ла-ла-ла. ХАРАЛАМПИЕ А бре, знам како е, само прстиве ми се смрзнати. Продолжува да свири, другите потпевнуваат... БОШКО Се сеќаваш бре Харалмпие, оваа песна ја пеевме, кога ја венчававме Цвета... А кој знае каде е заакан сега тој вошкар Спасе? ВЛЕЧКО Сигурно некоја француска болничарка на фронтот му го преврзува мандалото. ХАРАЛАМПИЕ Е, будала човек, што му требаше да оди војник. Тој ти е за војска толку, колку што сум јас за работа. БОШКО А бре, Ќоро, на што мислиш сега? ЌОРО Си мислев, како би било кога би јадел помалку. БОШКО А, ти јадеш многу?! ЌОРО Не бре, си мислам како да се закрпам, малку од малку. БОШКО Лесно. Ќе ги затнеш сите дупки. Ќе почнеш одоздола. Ако сакаш, јас ќе ти помогнам. ЌОРО Ќе ми падне тешко. БОШКО Така треба. Не си заприметил, кога ти е тешко, не ти се јаде. ЌОРО Море глупчо, јас не сакам да не јадам. Што има послатко од тоа? БОШКО Ништо. ЌОРО Толку е слатко кога јадеш, што на тебе се работи и ужива. Првоушите... БОШКО Ушите?! ЌОРО Видете му ги ушите на Влечко. Начулени, ококорени, како опинци од воловска кожа да се. И слушаат само: Гравче тавче, сармички, џимиринки, џигерчиња... печени костени, бакрдан... гледајте како му мрдаат и уживаат. ВЛЕЧКО (сонува) Гравче тавче, сармичка, џимиринки..... ЌОРО А очите... му ги гледате очите? Како на був му се ококорени. ВЛЕЧКО ... џигерчиња, печени костени, бакрдан... ХАРАЛАМПИЕ Види му го носот. Ноздрине како кај коњ. Ги вдишува миризбите... БОШКО И јазикот го исплазил како жедно куче. ЌОРО Му го слушам и стомакот. Крчка и баботи... ВЛЕЧКО А, што немам едни нозе... БОШКО Зошто нозе?! ВЛЕЧКО За да ви опнам по една клоца... гомнари гомнарски... тавче гравче, сармички... пичка ви мајчина. ХАРАЛАМПИЕ Добро, добро... ај да зборуваме за нешто поубаво. Ќоро, како со онаа работа? ЌОРО Одлично! Лани еднаш, годинава поретко... ХАРАЛАМПИЕ А ти, куме Бошко? БОШКО Така-така... да ти кажам право, некако изгубив желба. А ти? ХАРАЛАМПИЕ Желба имам, материјал немам! БОШКО А Цвета? ХАРАЛАМПИЕ Било, па поминало. Сега, друг и го бере гајлето. ЌОРО Море, тој Влавот испадна добар човек. Ем ја купи крчмата, ем си ја прибра Цвета... Не и е лошо. Јадење, пиење, спиење... БОШКО Кутар... КОРО Ех, кутар?! И јас би сакал така кутар да бидам со младо невевче... БОШКО Кутар Спасе. ЌОРО Па кој Цацко го тераше да оди во војна. БОШКО Даме му го заврти умот... злато, пари, срма, кадифе... којзнае на кој кол кожичката му се вее. ВЛЕЧКО Молк! Видов кос... СИТЕ (тивко) Кос? Каде?! ВЛЕЧКО Ене го, на гранкана. Влечко вади од џепот чатал, другите собираат камења и како ловџии тргнуваат полека, приближувајќи се кон дрвото... косот летнува преку нив... Полека се упатуваат по него... Ќоро останува сам... ЌОРО Браќа, чекајте ме... браќа... (и тој отрчува по нив) 2. сцена Од другата страна влегува Димитрули, со слугата влечат чеза. ДИМИТРУЛИ Оди најди некого да ти помогне да ја влечете чезата до градот. (слугата излегува) Морам да ја однесам невестата... А бре, кога бев млад мислев само на работа, на трговија, на пари... сега под старост правам детски работи... Ама, слатко е пустото... Така младо невевче да ти ги топли коските.(Се појавува Спасе. Изгледа како сениште. Огромна гуња го покрива, одоздола војничка униформа, искината, раздрпана... во лицето блед и сив...) Ааа, еве еден што ќе ми се најде... гледај ваму јунаку... (Спасе проаѓа покрај него без да одговори, се упатува кон својата куќа, застанува, гледа во изгорените ѕидови. Димитрули му приоѓа) Е да... војната и одовде помина... (Спасе не го погледнува...) Гладен си? Бараш некаква работичка... Ееее, јадење и лепче сега тешко се најдува... Да ти дадам два гроша... (Спасе веднаш ја подава раката) Знаев дека ќе сакаш... Треба чезава да ја одвезеш до градот, со госпогата моја... Коњи немам... добро? (Спасе без збор потврдува) Само, за ова никому ни збор... жената ми е од селово... да не се крева многу патрдија... ќе ти дадам три гроша... Спасе пак ја подава раката... Димитрули се поздравува со него и брзо влегува во крчмата. Спасе, изгубено седнува на прагот на куќата. Од другата страна влегуваат четворицата ловџии и се расправаат околу отепаниот кос. ХАРАЛАМПИЕ Кој го отепа, ти или јас? ВЛЕЧКО А кој прв го виде? Ти или јас? БОШКО А да го поделиме на четири? ЌОРО А да го ставиме на снегов, можеби ќе долетаат и други... ВЛЕЧКО Ќе долетаат орли мршојадни или кучиња и ќе го кренат. БОШКО А да влечиме, па чија среќа... (го згогледува Спасе, покриен со гуњата, не го препознава) Ај ќе го прашаме вошкарон... Брачка... (Спасе молчи) А бре, што му на човекон? Гледај го на што личи? Како чкембе превртено... (полека и другите се приближуваат) ХАРАЛАМПИЕ Сум видел обесени луѓе, ама никој вака жално не изгледал. СПАСЕ Ај, не туку јадете лајна! БОШКО Спасе?! А бре дрсло, жив си?! ХАРАЛАМПИЕ Леле каков си, сиот скиснат... ЌОРО Засмрден... зачаден... ВЛЕЧКО Распаратален, ко пцине селски да те зафатиле. СПАСЕ Бев во војна... ЌОРО Кај што беа најтешките битки? СПАСЕ Од таму се враќам. Таму кај што коски оставија илјадници, илјадници народ, таму каде што орлите мршојадни и гавраните се дебели како свињи... БОШКО Па, камо ти бре куме плен, богатсво, пари... срма и кадифе? СПАСЕ Куме, ако беше ти таму каде што бев јас, ќе научеше дека во војната поарно е лесно да бегаш, отколку тешко да носиш. ВЛЕЧКО Добро, и баш ништо не донесе? СПАСЕ Гуњава. Ми беше ладно и ја симнав од еден закачен. ЌОРО Закачен?! Како? СПАСЕ Со шајка во вратот. Тргнува кон огнот, седнува... другите седнуваат покрај него. ХАРАЛАМПИЕ Добро бре, куме, каков војник си? Камо ти пушка, фишеци, пиштоли, камо ти сабја... барјак камо ти? СПАСЕ Фрлив... БОШКО Како, бре, си фрлил пушка берданака? СПАСЕ Куме, си пробал ли да трчаш со пушка што ти се мавта меѓу нозе? БОШКО Треба да ја држиш в раце! СПАСЕ Ами ако непријателот те фати: „Ааааа... пушка!!!" и право пред ѕид... а вака распартален, никаков, разоружан - сите те жалат. Понекогаш се мешав со душмните како да сум нивен. ЌОРО Како бре, не те познаа? СПАСЕ Во борба очите секогаш треба да ти се отворени, ушите начулени, инаку си мртов. ХАРАЛАМПИЕ Фала богу жив си, а гледам не си ни ранет. СПАСЕ Сум! ЌОРО Кажувај како? СПАСЕ Зима, камен пука, гранати трештат... куршуми фрчат... и јуриш... кога одеднаш ме стегна. На сред јуриш ме стегна?! Некако не е убаво посран да јуришаш. Чучнав крај едно дрво, од каде излегоа едни двајца, мамето да им го ебам, ми ги соблекоа панталоните... и си заминаа. Цел ден трчав по снегот со гол газ. Од тогаш имам смрзнат газ. БОШКО Да имаш смрзнат газ е тажно, некако не е јуначки. СПАСЕ Ама, затоа имам два куршума в стомак. ХАРАЛАМПИЕ Два куршума в стомак и остана жив? СПАСЕ Вечерта, пред големата битка: „Кој сака да оди по леб?" ЌОРО Јас... СПАСЕ Не бре, тоа капларот рече: „Кој сака да оди по леб..." Кренав рака со уште два-тројца, а бидејќи бевме нови, не знаевме дека до „одиш по леб" е шифра за патрола. Ни дадоа пушка во едната, бајонет во другата рака... а два куршума држев во устата со забите. На тргнување, капларот ни рече: „Господ нека ви е на помош јунаци." и ме тресна по рамото. Како ме акна, така ги голтнав куршумите... Два куршума в стомак. ХАРАЛАМПИЕ А значи тоа е „два куршума в стомак"?! СПАСЕ Беа, повеќе не се. Поминаа низ целото тело. Влегоа горе, излегоа долу... ЌОРО Ех, кога куршумите така лесно би излегувале, сите би оделе во војна. БОШКО Поарно е да сереш куршуми, отколку да мочаш крв. СПАСЕ (се завртува кон Бошко) А како ти е кумата, куме? Како е Цвета? Жена ми? БОШКО (пропелтечува) Кумата?... Жена ти?... Како и сите жени, чии мажи се во војна. СПАСЕ Тажна и несреќна?! БОШКО Да... и тоа... но понекогаш... знаеш како е, снагата си бара свое... разбираш? СОАСЕ Разбирам. И јас, таму во војската, навечер... некако снагава ми бараше да не бидам сам... БОШКО Не тоа... јас зборувам за јадење. СПАСЕ Ааа... и?! БОШКО Сега е во крчмата. СПАСЕ Кај вујко Самоил? БОШКО Вујко Самоил ја продаде крчмата, пред да почне војната. Ја купи Димитрули, трговецот... СПАСЕ Аааа... и тој ја прибрал кај себе... добар човек. Ќе појдам да ја видам пред да ја одвлечкам чезава во град. ЌОРО А кого ќе возиш? СПАСЕ Жената на газдата... тој ми плати... (Сакатите се погледнуваат меѓу себе...) ХАРАЛАМПИЕ Е па, сега ние да си одиме... БОШКО Повеќе не ти требаме. ВЛЕЧКО Со среќа Спасе... Ќорфишек, доаѓаш? Излегуваат сите... последен Ќоро, му го дава отепаниот кос на Спасе. 3. сцена Спасе останува сам. На вратата од крчмата се појавува слугата. СЛУГАТА Еј, донеси ја чезата ваму... пред портава. Спасе ја зема чезата и ја вози пред крчмата. Излегува Цвета, завиткана во топла облека, се качува на чезата, не се гледаат. Се затуткува во некаква јамболија. СЛУГАТА Вози до градот... преку шумичката... Спасе ја повлекува чезата... ЦВЕТА Застани! (Спасе застанува) Димко, циглава е студена, донеси топла цигла. Слугата ја зема циглата и влегува во крчмата. Спасе го препознава гласот на Цвета, се врти кон неа... ја гледа... Цвета не верува... Нем крик и излегува од грлото. Полека се симнува од чезата, тргнуваат еден кон друг, се прегрнуваат и така прегрнати долго стојат. Од далеку кавалот свири тажна мелодија. Од крчмата излегуваат слугата и Димитрули кој држи секирче во рацете. ДИМИТРУЛИ Што правиш бре, лингур еден... сакаш да те удрам со секирчево? Цвета се оттргнува и бега кон крчмата. Застанува на прагот. СПАСЕ Што е бре, Цинцар... мислиш дека ти се плашам? Знаеш бре, вошкар, со кого зборуваш? Јас доаѓам од војна... Имам смрзнат газ и три куршуми в стомак. ДИМИТРУЛИ Ами да збориме со арно. Ти кој си и што сакаш?! СПАСЕ Јас сум нејзиниот маж и дојдов да си ја земам! ДИМИТРУЛИ Ти сакаш да ме смееш. Нејзиниот маж загина во војна. СПАСЕ Штом сум овде, значи не сум мртов. ДИМИТРУЛИ Цвето, го познаваш овој човек? ЦВЕТА Не! Никогаш не сум го видела.(Спасе се вкочанува. Се обидува да тргне, но нозете му откажуваат.) Мојот маж беше јунак. Беше херој. Тој ќе дојдеше од војната како богат човек. Ќе ми купеше куќа, ниви, бавчи... имот. Крави, овци, кокошки, мисирки... ќе ми донесеше злато неброено, бисери, белегзии, срма и кадифе... бел леб и сирење. Така тој ќе се вратеше. Тој така вети. А не голтар како тебе. Тој е мртов. Ама, јас не ти се лутам пријателе. Те разбирам, ти доаѓаш од војна. Главата ти е полна со секакви маки и премрежија. Којзнае што се имаш преживеано... СПАСЕ (некако наивно се приклонува) Ахх, само да знаеш... ЦВЕТА Можеби се имаш борено заедно со мажот ми. Можеби тој, како херој, во твоите раце душата ја испуштил. (Спасе гледа и не верува) За спомен на твојот другар а мојот маж, што толку го љубев, за спомен на убавите мигови од вашиот заеднички живот, те молам да ме пуштиш. Те молам да ја почитуваш желбата на несреќната вдовица. Моли се за мене!! СПАСЕ А бре, да ти ебам семката расипана. Што не акне некој гром, та да те изгори на место. ДИМИТРУЛИ Немој пријателе, немој така. Смири си ја душичката. Ќе се најде некој мунасип. Цвето мила, влези внатре. Студи. Да не фатиш некоја лоша настинка. Цвета сака да ја искористи ситуацијата и да избега во крчмата, но тогаш наидуваат четворицата „кумови". Спасе ги здогледува... СПАСЕ А! Чекај сега... чекајте... Е, сега ќе видиме... (На Цвета) Не сум ти маж, а? Гавраните и мршојадците во војната цревата ми ги јаделе? (на кумовите) Ај сега, кажете кој сум јас и која ми е жена... ДИМИТРУЛИ Немаш некои посигурни сведоци? СПАСЕ Само тие останаа... колку се - арни се. Тие ми се кумови, беа на свадбата... ајде... (кумовите некако се врткаат...) ДИМИТРУЛИ Гледај ваму пријатели, сакам се да биде чесно и пријателски. За пријателите имам се. Вратата е отворена... јадење, пиење... се што треба... ако ме разбирате? КУМОВИТЕ Разбираме. ДИМИТРУЛИ Гледај ваму пријатели. Овој вели дека е маж на оваа жена. Оваа жена вели дека мажот и е мртов во војна, зато јас ја прибрав в куќи, отворив срцето и куќата. Дадов облека, јадење, пиење, спиење и така то. ХАРАЛАМПИЕ Арно си сторил. ДИМИТРУЛИ Гледај ваму сега, пријатели. Вие сте мој пријатели?! Ај сега кажете! БОШКО Кој да каже? ДИМИТРУЛИ Најмалиот! ВЛЕЧКО Јас сум најмал. ДИМИТРУЛИ Ајде кажи, го познаваш овој човек? ВЛЕЧКО А бре, газда Димитрули, како да ти кажам... вака ко го гледам в лице, нит го знам нит го познавам. Јас луѓето ги познавам по нозете... ДИМИТРУЛИ Добро де, гледај нозете и кажи... (на Спасе) Ти качи на чезата... (Спасе се качува, Влечко гледа.) ВЛЕЧКО Ги познавам. Ги препознавам. Ова се нозе на војник пешак... силни и јаки... Нозе што препешачиле планини и долини, битки и војни воделе... жални војни. ДИМИТРУЛИ Чекај сега... тоа знам! Си ги видел овие нозе, покрај овие нозе? (покажува на Цвета) ВЛЕЧКО Покрај овие нозе?! Ооо, сум видел многу нозе покрај овие нозе. И големи и мали, и стари и млади, и со чевли и боси. Понекогаш од страна, понекогаш од напред, а богами понекогаш и помеѓу--- (Се смее, кумовите по него...) ДИМИТРУЛИ Не те прашам тоа. Да ли се ова нозете на нејзиниот маж? СПАСЕ Море Влечигаз, сакаш ли да те скратам уште за некоја педа? ДИМИТРУЛИ Остај сведокот да збори. (На Влечко) Се реши? ВЛЕЧКО Не, газда Димитрули. Ова не се нозете на нејзиниот маж. СПАСЕ (крикнува) Влечко! ДИМИТРУЛИ Ти ќути!! Добро... ти кажа... (се врти кон Ќоро) Гледај ваму сега, пријателе. Го познаваш ли овој човек? ЌОРО Го чув неговиот глас... и, како да кажам, многу ме удри тука нешто, оти го познав гласот на еден мој добар пријател... (Влечко го треснува по ногата) За жал, веќе одамна починат... ДИМИТРУЛИ А бре, сега види пријателе, твоево сведочење и не е некоја голема сигурација... (Се врти кон Харалампие и Бошко) Ами вие, пријатели? БОШКО Ами, газда Димитрули, јас многу добро го познавав Спасе... ХАРАЛМПИЕ ... тоа беше човек на место... ДВАЈЦАТА ... и нека му е лесна црната земја. ДИМИТРУЛИ Значи не е овој? ДВАЈЦАТА Не, газда! ДИМИТРУЛИ Е па, толку. Гледај ваму сега, пријатели... Јас и Цвета одиме... Портата секогаш ви е отворена... (На Спасе) Што да ти правам, сведоците така пресудија. Цвета застанува покрај Спасе, се расплакува и трчајќи се пикнува во крчмата. И Димитрули тргнува... КУМОВИТЕ Добра ноќ ,газда... ДИМИТРУЛИ Добра ноќ... (на влегување, на слугата) Затвори добро вратата и не пуштај овие муцки!! 4. сцена Остануваат сами. На „кумовите" им е незгодно. Се муваат. БОШКО Куме, се надевам дека не се лутиш? ЌОРО Јас те препознавам меѓу илјада. ХАРАЛМПИЕ Ова беше шега. СПАСЕ Оставете ме... ВЛЕЧКО Ама го заебавме газда Димитрули... БОШКО Ние сакавме само да му влеземе в подрум, или в кујна... ХАРАЛМПИЕ Жена ти уште вечерва ќе ти се врати... СПАСЕ Ебете си мајката, вошкари! (тивко и некако „посрано" кумовите излегуваат) Со ракија... Ќе се начукам со ракија (ги вади парите) Имам за две оки. Па тогаш ќе видат каков сум кога ќе збеснам, кога крвта ќе ми удри в глава. Ќе им ја искршам портата, ќе ги убијам и двајцата. Прво неа, после него, ќе ги соблечам угул голи, алиштата ќе им ги продадам на пазар, ќе си купам еден коњ и ќе се вратам во војна. Ќе убивам, ќе грабам, ќе силувам, калуѓерки ќе силувам... се додека не ме убијат. Така ќе им се одмаздам, па ќе видат. (излегува) Доаѓаат кумовите, гледаат по Спасе, па доаѓаат до вратата на крчмата. ВЛЕЧКО Тропај! Ќоро приоѓа до вратата, тропа... На прозорецот се појавува слугата... СЛУГАТА Што е?! КОРО Отвори. СЛУГАТА Газдата не е тука, дојдете утре. ЌОРО Брачка, за луѓе со празни стомаци, ноќта е долга. СЛУГАТА Не смеам ништо без газдата. БОШКО Ама газдата ни рече: „За вас крчмата, подрумите..." СЛУГАТА Дојдете утре! (го затвора ппрозорецот) БОШКО Еј, да ти го ебам Цинцарот, ни го начука до грло. ХАРАЛАМПИЕ Ми текна... (ја симнува наметката, ја простира по земја...) дајте ми го кошон... (му го подаваат, го завиткува, го нарамува и доаѓа пред вратата... тропа...) СЛУГАТА (од внатре) Кој е?! ХАРАЛАМПИЕ Едно свињче... СПУГАТА Што?! ХАРАЛАМПИЕ Ни големо ни мало. Печеесет ока... а има и колбавчиња и џимиринки, евтино ги давам. СЛУГАТА (се појавува на прозорецот) Каде се? ХАРАЛАМПИЕ Под наметкава. СЛУГАТА Да видам. ХАРАЛАМПИЕ Симни се, па ќе видиш. Слугата се мисли едно време, па го затвора прозорецот. За тоа време, кумовите се местат околу вратата. Слугата претпазливо ја отвора вратата... СЛУГАТА И?! ХАРАЛАМПИЕ Еве го... Го треснува со наметката... другите се нафрлаат врз слугата, го онесвестуваат, се пикнуваат в крчма. Се слушаат пискотници на Цвета и Димитрули... Ги отвораат прозорците и однатре почнуваат да фрлаат разна стока. Доаѓа Спасе мортус пијан, држи билнак и со него мафта како со топуз... СПАСЕ Прчу смрдлив. Излегувај од таму па да видиме али ме познаваш, али не! Слушаш ли бре, прдло стар?! Излегувај, да не ти се качам горе. (Во тој момент од прозорецот излетува вреќа со жито и паѓа точно врз Спасе. Овој паѓа и почнува да се „бори" со вреќата.....) Кукајцо, од зад грб удираш. Е, сега ќе ти вадам ѕрцки... (се бори... удира...) А бре, чкембе едно смрдено, откачи се... симни се... (го вади ножот) А сега, кај ќе бегаш Цици-фаци еден? Ќе ја враќаш жената? (се нафрла врз вреќата и мава по неа со ножот) Кажи, ќе ја враќаш, матер ти ебам. (одеднаш застанува, ја пипа вреќата) Море, ама сум го исекол... не сум му оставил ни раце ни нозе... (Од вреќата тече жито... Спасе зема една рака) ај, и крвта веднаш му смрзнала. Е па, така му треба... друг пат да не чепка мечка... Ај, нека му е лесна црната земја... Од крчмата излегуваат, веќе пијани, Бошко и Харалампие, го туркаат пред себе избезумениот Димитрули. БОШКО Куме, овој е за тебе... СПАСЕ (Се вади од ум) Мајко мила, воскреснал... Вампир, акреп... (Двајцата го фрлаат Димитрули кон Спасе) море ни од вампири ми е страв, ни од врколаци... кој ги ебе... (зема еден кол го загледува...) Глогов е?! Глогов... уште поарно... (се пушта кон Димитрули, кој во паника бега... вртат околу сувото дрво...) ДИМИТРУЛИ Види ваму пријателе... земи невестата... земи јадење, пиење... пушти ме... Се бркаат околу дрвото. Се затскриваат зад дрвото. Спасе замавнува со колот и со крик удира. Димитрули вреска. Молк. Едно време стојат задишани еден спроти друг. Димитрули полека почнува да паѓа, Спасе се подистава, Димитрули одеднаш се исправа, од под облеката вади искривен, сребрен подавалник и со него го треснува Спасе. Овој се занесува и Димитрули бега. Во исто време, Бошко и Харалампие ја изнесуваат Цвета... ја местат на работ на чезата. Бошко и се навртува од зади. Цвета пишти, Ќоро и Влечко, јадат, пијат и се редат... ЦВЕТА Помош... помош Спасе, Спасе... спаси ме... куме Бошко, немој... БОШКО Ништо... ништо кумо... немај гајле... (пак се врти, но доаѓа Димитрули, му шепоти нешто и му подава некакво ќесе со пари...) Еби си мајката и ти и жена ти. (Ја пушта Цвета...) А и ти... не туку лигави се... Ја качуваат на чезата, Димитрули се впрегнува и ја повлекува. Бошко и Харалампие му помагаат... исчезнуваат... Спасе трча по нив... СПАСЕ Каде?! ДИМИТРУЛИ У пичку мајчину... овде живот нема!! Спасе се занесува, се фаќа за градите... полека се свлечкува, прво на коленици, а потоа паѓа... тешко дише... Испушта душа... Остануваат Влечко и Ќоро, гледаат по чезата како си отиде... ВЛЕЧКО Отидоа, само господ знае кога ќе се вратат. ЌОРО Ќе се вратат, ќе мине лошово. Морее, каква ноќ?! ВЛЕЧКО Да бре, никогаш не било вака темно... (полека доаѓа до искинатата вреќа... зема еден заграб жито) Куме, види... ЌОРО Што?! ВЛЕЧКО Жито... ЌОРО Жито?! Има надеж... ПРОЛЕТ Од далеку се слуша кавалот... мелодичен, нежен... Станува се погласен. Неговиот звук го исполнува целиот простор. Светлината се засилува, блеснува сонце. На сцената од сите страни влегуваат млади луѓе... деца... меѓу нив се и Спасе и Цвета... млади и убави како на почетоткот. Сцената се исполнува со народ. Музика... Крај! Неколку збора околу реализацијата на филмот КАКО БЕШЕ МИРНА НАШАТА ДОЛИНА ПОРАНО Приказната за овој филм е базирана врз некои стари текстови на италијанскиот ренесансен комедиограф Руцанте, „соџета" на „Комедија Дел Арте", но и врз наши, македонски легенди и приказни. Зошто Руцанте и каква е врската со Македонија?! Јас во неколку свои театарски, а и телевизијски дела правам поврзување на менталитетот и карактерите на луѓето кои живееле и живееат во јужните делови на Европа. Приказните ни се исти, духовитоста, музиката, дури и имињата. Како успешен пример на такво поврзување би ја напомнал преставата „Солунски патрдии", која повеќе од дваесет години е на репертоарот на Драмскиот театар и е градена според делото на дубровничкиот ренесансен комедиограф Марин Држиќ, „Дундо Марое". Дејствието на „Како беше мирна нашата долина - порано" се случува во едно македонско село, во четири различни епохи, и четири различни времиња: лето, есен, зима, пролет. Ликовите, како прототипови, се исти, во сите епохи, само ги менуваат костимите. Дејствието на филмот го поврзуваат тројца сакати, (како во многу наши приказни, кога во долгите ноќи се раскажуваат разни случки) кои низ песна и директно учество ги коментираат настаните во филмот. Инаку филмот по жанр би бил комедија од рустикално-пасторален тип со многу сериозен крај, но и позитивна порака, верба во иднинината, младоста... Затоа што и не е се така црно. Природата е преубава, луѓето се мирни и добри и надежта постои. Инаку, што се однесува до режисерскиот ракопис, камерата би го следела дејствието на текстот, без некои посебни експериментални движења, сериозна работа во пристапот со актерите, сценографија и костими кои би се базирале врз фолклорот и архитектурата од времето, но и со одредена доза на стилизација, која на целиот филм би му дала една современа нота. Ова би требало да биде убав, носталгичен, вознемирувачки, но во исто време филм полн со надеж. Со почит, Коле Ангеловски.